Ајде да раскажеме приказна на поинаков начин-ЦАРЕВАТА НОВА ОБЛЕКА Previous item Ајде да раскажеме приказна... Next item Ајде да раскажеме приказна...

Ајде да раскажеме приказна на поинаков начин-ЦАРЕВАТА НОВА ОБЛЕКА

 

Читањето за децата претставува големо задоволство, посебно ако тоа е изразно и сликовито. Полека, полека навлеговме во светот на сликовниците и книгите. Денес сакам да прочитаме за еден цар кој што беше измамен и веруваше во нешто што воопшто не постои. Да слушнеме внимателно што се случило.

   ЦАРЕВАТА НОВА ОБЛЕКА

Многу одамна живееше еден горделив цар, чија единствена грижа во животот беше да се облекува во убава облека.

Тој ја менуваше облеката речиси секој час и сакаше да се покажува пред луѓето.

За оваа негова навика знаеја низ целото царство и подалеку. Двајца измамници, кои слушнале за слабоста на царот, решија да извлечат полза од неа. Така, тие пристигнаа пред портите на царската палата, со смислен план. ,,Ние сме кројачи и измисливме нов, необичен начин на шиење облека, толку лесна и убава, како да е невидлива!,, – објавија тие.

Чуварот му кажа на дворјанинот, дворјанинот му кажа на главниот советник, кој побрза да му раскаже на царот за неверојатната вест.

       

Царот беше љубопитен и одлучи да се сретне со двајцата кројачи. Измамниците се поклонија пред царот и рекоа: ,,Ние можеме да сошиеме посебна облека која е видлива само за паметните луѓе, Ваше височество,,.

Царот им даде вреќа со злато и рече: ,,Само кажете што ви е потребно за почеток, тоа ќе ви го дадеме,,.

Кројачите побараа разбој, свила и златен конец. Им дадоа и голема соба во царската палата. Навечер, кога беа сами, тие и се смееја на царската глупавост и на нивната итра досетка. ,,Ќе заработиме многу пари на сметка на оваа будала,, – велеа кикотејќи се.

Пет дена подоцна, царот го повика својот советник и рече: ,,Оди и види како се одвива работата,,. Двајцата кројачи го дочекаа советникот. ,,Ние сме речиси готови со својата работа,,-  изјавија тие. Старецот се обиде да го види материјалот кој, всушност, воопшто не го гледаше. ,,Но јас не гледам ништо!,,-  си помисли советникот. ,,Дали тоа значи дека сум глупав? Но, ако го признаам ова, ќе бидам отпуштен од царската служба,,.  И затоа гласно рече: ,,Колку прекрасен материјал! Сигурно ќе му кажам на царот за ова,,. Измамниците задоволно ги триеја рацете.

Конечно двајцата кројачи дојдоа кај царот за да му ја донесат новата облека. Се однесуваа како да имаат голема ролна ткаенина. ,,Повелете, Ваше височество, еве го резултатот на нашата макотрпна работа,, –  рекоа тие. ,,Погледнете ги боите и почувствувајте колку е пријатно платното,,. Секако дека царот не можеше да види ништо или да почувствува нешто под прстите.

Измамниците рекоа: ,,Ваше височество, ќе морате да ја соблечете Вашата облека за да ја пробате новата,,. Измамниците се преправаа дека му ја облекуваат новата облека. ,,Дааа, ова е преубав костум и прекрасно ми прилега,, – зборуваше царот, трудејќи се да изгледа удобно. ,,Направивте одлична работа,,. ,,Ваше височество,, –  рече советникот, ,,имам молба до вас. Луѓето слушнале за невообичаената ткаенина и сега се нетрпеливи да ве видат во ново руво,,.

Царот се колебаше дали да излезе без облека пред луѓето, но потоа ги надмина стравовите. ,,Не е важно. Нема никој да биде во можност да ме види, освен глупавите,, си помисли тој.

Потоа отиде на свечената парада. Како што поминуваше царот, така чудно мрморење се слушаше од толпата. Секој кажуваше доволно гласно, за да можат другите да го чујат: ,,Погледнете ја новата облека на царот. Преубава е!,, ,,Колку прекрасна работа!,,…

Всушност сите се обидуваа да го сокријат разочарувањето затоа што не можеа да ја видат облеката. И бидејќи никој не беше подготвен да ја признае својата глупавост, сите и се восхитуваа на облеката.

Одеднаш едно дете извика: ,,Царот е гол!,, и потрча кон царската поворка.

,,Будалче!,, Го прекори неговиот татко, трчајќи по него. ,,Не зборувај глупости!,, Го зграпчи синот и го однесе.

Толпата ги слушна зборовите на детето и луѓето почнаа да ги повторуваат, се додека сите не извикаа:,,Детето е во право! Царот е гол! Вистина е!  Царот ги слушна овие зборови, но одлучи да ги игнорира. Помисли дека е мудро да продолжи со поворката затоа што мислеше дека оние кои не ја гледаат неговата облека се глупави или неспособни. Царот стоеше гордо во својата кочија. Но, кога остана сам во своите царски одаи, сфати дека луѓето се во право. Тој беше измамен и наведен да верува во нешто што воопшто не постои. Можеше единствено да се смее на својата глупавост и да ги казни кројачите кои го измамија.

 

РАСКАЖУВАЊЕ ПО СЛИКИ:Знаеме дека сликовницата е првата книга во рацете на детето.Преку неа детето учи да раскажува по слики, да прераскажува, да препознава текст од слика.Со помош на сликовницата  се развива и љубовта кон книгата, се буди интерес за описменување и желба за поаѓање во училиште. Па затоа овозможете му на детето да направи избор од повеќе сликовници.Прочитајте му ја одбраната сликовница и потоа дајте му ја на детето да ја разгледа,да ја прелистува, да покаже каде се наоѓа текстот, а каде сликата.Во продолжение со ваша помош нека ја прераскаже сликовницата по слики.

    

А сега сакам заедно со ваша помош ние да изработиме уникатна облека и да бидеме кројачи и модни креатори.

МОДЕН КРЕАТОР: За оваа активност е потребно картонче, лист од блок, молив и дрвени боички.На картонче нацртајте силуета од дете-човек кое што ќе ни претставува модел.Децата нека го исечат по контура.По негови мерки односно по него на лист од блок нека исцртаат комплети по нивна желба и нека ги избојат со дрвени боички,  како што сакаат тие според својата креативност,  без да излегуваат од контурата.Така добиената облека ќе може да се крои.

   

КРОЈАЧ:Добиената облека децата ќе имаат за цел да ја исечат со ножички по контурата со што ќе бидат кројачи.Откако ќе ги исечат следна задача ќе им биде да ги пронајдат комплетите – горен и долен дел.( да создадат парови со исти шари,дезени).На крај треба да ги пробаат на моделот и да видат дали е се во ред. Доколку е се во ред со мерките, можат да си играат и да ги облекуваат своите кукли-модели во различни комбинации.

   

За да бидеме добри кројачи треба да знаеме да измериме. Ајде да се обидеме да ја измереме нашата облека.

ДА СЕ МЕРИ МОЖЕ И ВАКА-долго и кусо

Земете неколку парчиња облека од вашето дете, маички,панталони. Децата на оваа возраст сеуште не ги знаат сите броеви па затоа може да измереме на поинаков начин.Детето ќе треба да ги измери деловите облека со нестандардни мерки за мерење, со педа и стапало.Нека биде повод за една интересна игра ваквото мерење.Измерете ја маичката,панталоните.

Колку педи е маичката ,а колку се панталоните?

         

Измерете колку стапалки се панталоните, а колку маичките.

              

Разговарајте со детето чии панталони се подолги. Зошто панталоните на дада се подолги?Чија маичка е покуса, а чија подолга?

  

 

 

Со овие активности се поттикнува интересот за читање на приказни, разгледување на сликовници, се поттикнува развојот на љубовта кон книгата, се поттикнува интересот кон професијата моден креатор, се развива фината моторика, се поттикнува да ги користи двете раце за да ракува со ножички и за да црта,а се поттикнува и развојот на детската креативност во секојдневието.Се поттикнува когнитивниот развој и се поттикнува усвојувањето на нестандардните мерки и начини на мерење,се потиикнува усвојувањето на поимите долго-кусо.подолго-покусо.

Активноста е предлог на воспитувач Е. Пиперевска

 

Еве и една интересна и весела песничка за сите дечиња.

 

Додади коментар

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial