ПРАВИЛНО МИЕЊЕ НА РАЦЕТЕ
Само одржување на хигиената и правилното и често миење на рацете со топла вода и сапун ќе ве заштитат од ширење на заразни инфекции од секаков вид. Затоа почитувани родители за стекнување на правилни навики кај децата, за миење на рацете ви предлагаме заедно со децата да ја кажувате оваа стихотворба додека ги мијат рацете со сапун и на забавен начин ќе поминат 20 секунди. Во време на денови на екологијата научете ги децата да ја чуваат и околината и да штедат вода така што додека ги миете рацете со сапун сопрете ја водата да не тече непотребно. Оваа активност практикувајте ја задолжително заедно со децата, затоа што тоа што практично ќе го видат децата и ќе го применат, има многу поголема применлива вредност подоцна.
Не заборавете дека вие сте пример за однесувањето на децата.
Еве една, еве две
моите раце чисти се.
Во секое време миење,
дури и пред спиење.
Чиста е и левата
чиста е и десната,
чисти се прстињата
со сапунче измиени.
Со практикување на оваа активност – миење на раце и кажување на стихотворба кај децата го поттикнувате развојот на:
правилен говор – артикулација на гласовите – ч, с .., фината моторика на дланката со воспоставување на контрола на движењата на дланката и прстите, когнитивен развој – препознавање на лева и десна страна – латерализација, броење на раце и прстите на рацете, социо – емоционален развој – соработка со други лица, , развивање на еко-навики за зачувување на околината.
Во текот на денот можете да ја споделите со детето содржината на драматизацијата „ ЧИСТОТАТА Е ПОЛОВИНА ЗДРАВЈЕ “.
ЧИСТОТАТА Е ПОЛОВИНА ЗДРАВЈЕ
ДЕНКО : ( Влегува затрчано низ вратата) Мамо, многу сум гладен, дај да јадам!
МАЈКАТА : Прво сине треба да кажеш добар ден !
ДЕНКО : Извини, мамо. Стомаков ми е решето, кој ќе мисли на добар ден, дај ми да јадам! Брзо!
МАЈКАТА : Е, Денко, сине, не може така. Треба прво да ги измиеш рацете па потоа да јадеш.
ДЕНКО . Ее, уште тоа ми фали. Ти мамо не си фудбалер и не знаеш колку сум јас изморен, а со сапунот одамна сум скаран и самата знаеш.
МАЈКАТА : Значи така! Сега ќе ти кажам што се случи утрово во купатилото!
САПУНЧЕ : Еј другари, собирајте се, доаѓа контрола. Бидете сите на своите места. Ти, пасто за заби, разбуди ги четката за заби, крпата и другите.
ПАСТА ЗА ЗАБИ : Четкичко, ајде разбуди се, подготви се за контрола, доаѓа огледалото и викни ги крпите да станат од сон.
ЧЕТКАТА: (Се буди) Крпи, истресете го сонот од очите, станете, доаѓа огледалото да изврши смотра и кој знае, можеби ќе не пофали затоа што сме чисти и нови, неупотребени.
( Доаѓа огледалото, шета пред сите и ги разгледува)
ОГЛЕДАЛО : Добро утро, како сте? Право да ви кажам јас сум добро одморен, а тогаш многу убаво гледам. Ајде сега застанете сите во ред да ве видам!
( Застануваат сите во ред, а огледалото поминува пред нив и сите ги разгледува)
Ти , Сапунчо Сапунковски, си се исушил како да живееш во пустина а не во купатило?!
САПУНОТ : Признавам и многу ми е жал, но што да правам кога Денко никогаш не си ги мие рацете со мене!
ОГЛЕДАЛО : И ти четкичко за заби, си се озабила како кактус во суша!
ЧЕТКАТА : Така е , ама јас морам да кажам дека откако ме ставија во приборот на Денко, тој ниеднаш не си ги измил забите со мене!
ОГЛЕДАЛО : А и крпиве изгледаат како со денови да не виделе капка вода, како да сончани на јулска плажа!
КРПИ: (Тажно како и сите други) Вистина е тоа, но Денко воопшто не се брише со нас!
ОГЛЕДАЛО : Чекајте, чекајте, па јас и не го познавам тоа дете Денко, тоа значи дека тој не се огледува во мене, па да видам што се случува со него.
МАЈКАТА : Да ти кажам Денко, кога го слушнав овој разговор, јас бев многу лута. Си реков, како може мојот син да не се грижи за својата хигиена и здравје ?
ДЕНКО : Па гледаш ли дека пак ништо не ми фали ?
МАЈКАТА : Што треба да ти фали па да си ги миеш рацете? Зарем не мислиш дека можеш да добиеш некоја заразна болест, или дека никој нема да сака да се дружи и да си игра со тебе ?
ДЕНКО : (Малку се подзамисли)
МАЈКАТА : Што е сега, што се мислиш?
ДЕНКО : Денес кога бев кај Тоше да си играме, неговото мече не ми дозволи да го допирам, а ниту топката не ми дозволи да си играм со неа затоа што ми била валкани рацете. Дури ни Тоше не ме препозна кој сум, а јас се чудев што им станало, па јас сум нивниот другар Денко! Туку мамо дај ми го огледалото да видам јас зошто никој не ме препознава?
( мајката му го подава огледалото) Повели Денко
ДЕНКО : И, кој е овој? Леле, зарем е можно ова да сум јас! Па јас навистина сум бил Немиенко! ( Вика по мајка му) Мамо, дај ми сапун и крпа да се измијам. ( Оди во купатилото, се мие и пак се гледа во огледалото) Ветувам дека отсега па натаму редовно ќе ги мијам рацете, лицето и забите за да бидам здрав и чист. Приборот за хигиена нема да биде само украс во купатилото. Таков ќе ме сакаат и мам и тато а и моите другарчиња од градинката.
МАЈКАТА : Браво бе Денко, штом е така сега може да дојдеш да јадеш. Ајде да одиме во кујната.
Неколку совети пред да започнете со оваа активност
– Прочитајте го текстот за да ја запознаете содржината
– Подгответе реквизити кои се дел од драмскиот текст, кукли на дете и мајка, огледало, сапун и тн.
– При читањето, или ако се одлучите да ја драматизирате содржината, потрудете се со различна интонација и боја на гласот да ги претставите сите учесници од текстот.
– Може да направите мали ликови на стапче и да ја реализирате содржината покрај масата во форма на театар на маса , или сами да направите куклен театар.
– Изработете ги ликовите за драматизацијата заедно со вашето дете, така задоволството ќе биде поголемо
– Дозволете му на детето да ја прераскаже или да ја драматизира содржината користејќи ги „ куклите“.
Сигурни сме дека ќе уживате , ќе се забавувате и низ игра детето ќе стекне нови навики, вештини .
Со драматизација на содржини кај децата го поттикнувате:
развојот на говорот со правилна артикулација и дискриминација на гласовите, збогатување на речникот со нови поими и изрази, љубов кон мајчиниот јазик, љубопитност и иницијативност, креативност и истрајност, со подготовка на материјали се развива фината моторика, боењето на елементите ја развива креативноста и желбата за експериментирање, истражување на нови форми, добивање на нови бои , социо – емоционален развој – соработка со други возрасни лица, или членови на семејството.
Предложените фотографии се само да ве охрабрат и да ви покажат како да изработите куклен театар во домашни услови, како да подготвите и да изработите „ кукли“. Кукли можете да изработите за секоја содржина која ќе посакате да ја драматизирате , тоа значи тема за овошје, зеленчук, животни, растенија, познати и непознати приказни или да измислите своја приказна.
Сакаме да напоменеме дека можностите се големи само треба да пробате и заедно со детето да уживате во нова димензија наречена театар.
Следниот линк родителите ќе ги наврати на детството и се надевам ќе е убава покана за заедничко музичко уживање со своите деца.Песничката ,,Чисти рачиња,, од фестивалот за детски песни Златно Славејче од малку подалечната 1981 година ќе го надополни заедничкото уживање со најмилите.
.https://www.youtube.com/watch?v=VdPJdAW1szg
Додади коментар