Пролетта ги буди сите наши сетила. Ни нуди безброј задоволства од бои, звуци, мириси. Искористете го секој момент за ЗАЕДНО со вашето дете да уживате во убави пролетни моменти.
БУКЕТ ОД ПОЛСКО ЦВЕЌЕ
Секоја пролет природата со себе ги носи прекрасните шарени цвеќиња кои растат на ливадите, полињата. Кога ќе дувне тивкото ветре тие го започнуваат најубавиот танц на природата. Прво се јавува кокичето со својата бела облека, а потоа се јавуваат многу цвеќиња со шарени фустанчиња. Се појавуваат темјанушките со своите сини фустанчиња и зелени капчиња, љубичиците со своите фустани во различни бои и уште многу други цвеќиња.
Еден убав сончев ден, Паола и Андреј излегоа да си играат во дворот и топката се стркала до оградата. Паола отиде да ја земе топката но нешто интересно и го привлече погледот. Таа се загледа во едно црвено цвеќе кое нежно трепереше.
Го викна Андреј и го праша дали досега видел вакво цвеќе.
Андреј кој беше поголем од неа, гордо рече: – Па тоа е булка, знаеш ли ти колку многу булки има во полето? А таму уште има и многу други цвеќиња со најразлични бои.
Паола се насмевна и му рече: – Поле, што е тоа, па јас си играм само во двор.
Баткото ја фати за рака и застанаа покрај оградата на дворот и со прстот ѝ покажа на Паола каде да погледне, за да го види полето .
И навистина таму во далечината се гледаа многу црвени булки кои се нишаа во правецот на ветрето кое полека дуваше.
Паола сега сакаше да бара уште цвеќиња во дворот, и за секое ново цвеќе го прашуваше Андреј за името на цветот. А тој како батко кој знае сé, со големо внимание ги покажуваше цветовите и нивните имиња.
Така во дворот видоа цвеќе со жолта боја но до неговото стебло имаше и стебло со топка од бели воздушести балерини за кои Паола научи дека се вика глуварче.
Скинаа еден жолт цвет, скинаа еден црвен цвет од булка, скинаа еден бел цвет од ѕвонче ( овчарска торбичка), скинаа и еден син цвет од синчец и направија еден букет. Го донесоа дома и мајка им многу се израдува , леле колку убав букет од полски цвеќиња.
Паола пак се изненади и рече: и ти ли знаеш дека овие цвеќиња се од поле?
Мајката само се насмевна и ги прегрна децата кои ѝ донесоа убав букет.
Цвеќињата се убави но и многу интересни за игра.Ајде да си играме.
Уште една интересна активност која може да ја играте ЗАЕДНО со вашите деца а за која што е потребно само: штипки во разни бои, лист хартија, дрвени боички и претходно подготвените мемориски картички со цветови.
РАЗИГРАНИ ШТИПКИ И ЦВЕЌИЊА
Да ги земеме картичките со цветчиња и штипките и да започнат нашите игри!
Игра бр.1.Поврзи го цветот со штипка во иста боја.
Игра бр.2.Закачи ги сите штипки на картичката кои што имаат иста боја со цветот.
Игра бр.3.Изброј и запиши со црти, а поголемите дечиња и со број, колку штипки има во зелена, црвена…боја.
Игра бр.4.Која штипка не припаѓа на картичката според бојата на цветот.
Игра бр.5.На картичката има цвет составен од кругчиња. Колку кругчиња се во црвена боја, а колку во жолта? Колку во жолта, а колку во портокалова? Итн.
Вакви комбинации можете да си правите колку и да посакате. Продолжете да си играте.
Оваа активност кај децата овозможува:
-Проширување и збогатување на детскиот речник
-Се развива фината моторика
-Му се овозможува на детето да користи предмети за општа употреба и да игра со нив.
-Се усвојуваат математичките поими,,Припаѓа-Не припаѓа,,.
Како и се поттикнува способноста за разликување и именување на боите и се развива способноста за класификација според боја.
Активноста е предлог на воспитувач Е.Пиперевска
Еве и една пролетна песничка која можете да ја слушате додека весело си играте со дечињата.
Додади коментар