Денес имаме интересна задача, би сакала и вие да ми помогнете. Но, најпрво да ја погодите гатанката:
Црно живо поточе,
по земја тече,
црно живо синџирче,
по ѕидот се влече.
(МРАВКИ)
Ајде да ја прочитаме приказната ”Штурецот и Мравката” и да се запознаеме со овие вредни мали инсекти.
ШТУРЕЦОТ И МРАВКАТА
Додека беше лето, природата беше убава, шарена и во летната жештина насекаде се слушаше црцорењето на штурците кои ја пееја својата животна радост.
А долу на земјата, мравките не знаеја за одмор: собираа семиња, зрнца, трошки, бобинки и тивко без да здивнат, ги носеа во своите подземни домови. Штурчето Мрзливко ги гледаше работливите мравки и им се смееше мислејќи дека не знаат да уживаат во животот и во летото кое секому дарува топлина и зрели плодови.
Летото помина, помина и есента. Заврна и снег. Вредните мравки си живееја среќно во своите топли домови, уживајќи во плодовите на својата неуморна работа од цело лето.
Еден студен зимски ден, некој тропна на вратата на едно семејство мравки. Мајката мравка отвори и на прагот го виде изгладнетиот и измрзнат Штурчо Мрзливко.
Те молам, прими ме во твојот дом и дај ми нешто да каснам за да преживеам до пролет. В лето ќе ти се оддолжам – изусти Штурчето Мрзливко.
Мравката, која со голем труд работела за да презими, го праша:
- А што правеше летоска?
- Летоска? Свирев и пеев! Одговори Штурчето Мрзливко.
- Ако е така – му рече мравката – тогаш зимава играј! – и му ја затвори вратата пред нос, оставајќи го надвор да седи гладен.
ЗАЕДНО со вашето дете обидете се да направете мравки од хартија.За оваа активност ви е потребна хартија, ножички,лепило.Дозволете му на детето да сече, лепи, црта.
Интересни за игра се и следните лавиринти.Помогнете и на мравката да го пронајде својот пат.
Активноста е предлог на воспитувач Е. П. Јакимовска
За вредните мравки никогаш доволно активности.
Да прололжиме со уште неколку активности кои се предлог од воспитувач Е.Пиперевска
Ајде сега и ние да бидеме вредни и да изработиме една голема мравка.
ВРЕДНАТА МРАВКА:За оваа активност е потребно црна и бела хартија, молив,стапче за раженче, лепило и ножички.Нацртајте три големи кругови од црната хартија. Залепете ги на раженчето.Исечете очиња од белата и од црната хартија и уста од црвена хартија(може и од бела но обоена со боичка).Залепете ги на најгорниот круг.На него залепете и пипки од црна хартија и исечете и ножиња од црната хартија и залепете ги на телото.Така ќе добиете една голема и вредна мравка.
А бидејќи е пролет, а убавото време не повикува да излеземе надвор и да си играме, земете ја подготвената мравка излезете надвор и споредувајте ја со мравките во дворот.Обидете се да најдете мравјалник.Набљудувајте го.
Следната активност ќе ни биде да нацртаме и избоиме мравјалник.
МРАВЈАЛНИК:Знаеме дека на децата омилена игра им е цртањето и боењето, па ајде да нацртаме еден мравјалник.За оваа активност е потребно:лист од блок, молив, водени бои, четка, црна темперна боја и дрвце-чкорче.Детето ќе има за цел со молив да нацрта една полукружна линија и одозгора да го избои листот со жолта боја, а долниот дел во кафеава боја.Со прстето нека направи по три отпечатоци со црна темперна боја со што ќе добиете мравки, а со чкорчето нека им нацртаат пипки и ножиња.Вашиот мравјалник ќе биде готов за неколку минути, а децата ќе бидат премногу задоволни.
ЛАВИРИНТ: А сега да и помогнеме на мравката да го најде патот до дома.На бел лист хартија нацртајте три испрекинати кругови во различна големина.Затворете ги на неколку места.На едниот крај нацртајте мравка, а во средина од круговите мравјалник. Децата ќе имаат за цел да и помогнат на мравката да го најде патот до мравјалникот.
ПРАВА И КРИВА ЛИНИЈА:На бел лист хартија нацртајте неколку мравки на едната страна, а мравјалници на другата страна.Со испрекинати линии нацртајте пат до мравјалникот. Децата ќе имаат за цел да го поврзат патот и да им помогнат на мравките да дојдат до својот дом.
Со овие активности се поттикнува способноста кај децата за користење на дланката и прстите на двете раце за да ракува со ножички и да црта.
-Се овозможува проширување и збогатување на детскиот речник,
-Се развива фината моторика,
-Се поттикнува способноста за разликување на геометриската форма круг,
-Се поттикнува способноста за цртање на крива и права линија,
-Се развива координацијата око-рака,
-Се поттикнува интересот за истражување,
-Се поттикнува интересот за учество во ликовни и музички активности.
И на крај за добро расположение еве и една песничка за вредната мравка.
https://l.facebook.com/l.php?u=https%3A%2F%2Fyoutu.be%2FSEnl7u8iGSc%3Ffbclid%3DIwAR2FWQkFoQ5g8XlSE3RCdIaOdutjCA-r2nPkXcOPIgncmeYtqcskHV1dBK8&h=AT2cIb-Pyw8ej1sRG-wwS4TAFJ1Vz3HegefZSM6eKTTJlylQcTi3EEg-R-Bnpx-_LFr0GPG6tm3VhaoiJvFwYN_uu2M3-FE80Oa831OmXYGOGOHvSSdhry_Ic1jwMEfGjgk
Додади коментар