Децата се разиграни по природа:
Од најрана возраст децата го осознаваат светот околу нив користејќи ги сите свои сетила, следејќи ги знаците и постапките од лицата кои се грижат за нив и имитирајќи ги со своите постапки, звуци и однесувања. Пред сé родителите, а потоа воспитувачите се најважни и највлијателни учители на детето и затоа постојано сме фокусирани кон неговиот правилен раст и развој. Сепак, не сме сите, инстинктивно добро, за да знаеме како да си играме со нашите бебиња и мали деца, особено ако не сме имале претходно контакти со деца пред да се биде родител на дете, но лесно е да се стекнат тие вештини.
Играњето со своите деца е многу поприродно и многу помалку страшно отколку што возрасните мислат.
Од најрана возраст сите родители со своето дете ја играат играта „ЅЕ“ (кога со дланките ги покриваат очите и одеднаш ќе ги отворат за да го видат детето,кое среќно се смее),
и само размислете за сите вештини кои што со малку игра детето ќе ги стекне и развие. Тука има развој на говор и комуникација, интеракција, моторен развој,социо-емоционален развој, контакт со очи, гестови на лицето, емоции и списокот може да продолжи! Севкупен развој на детето само со од едноставна, лесна игра за која не треба апсолутно ништо друго освен волја, посветеност од родителите. Ова е само еден едноставен пример за игра која понатаму со поголеми деца може да доживее проширување со повеќе елементи на играта како криење низ просторијата, криење и наоѓање на предмети – играчки, со еден збор стекнување на когнитивни способности и знаења, односно најлесен начин на воведување во математичките тајни преку игра.
Децата ги развиваат своите способности за учење во првите 5 години:
Современите сознанија за развојот на децата веќе ги надминуваат тврдењата на теоријата на Пјаже – дека децата се способни за сложени мисловни процеси после десеттата година, за што има научни докази кои успешно се применуваат во светот, а децата постигнуваат високи резултати во ПИСА тестирањата во степенот на IQ. Мозокот на детето се развива побрзо во првите 5 години од животот отколку што подоцна го прави тоа, формирајќи толку многу врски помеѓу левата и десната страна на мозокот и во суштина ја воспоставува својата „способност” да научи нови информации во иднина. Детето кое што ќе се остави без рана стимулација, без збогатување на игровните искуства, по петгодишна возраст ќе има помали резултати , за разлика од дете кое повеќе време поминува во игри, со кое постојано се разговара, чита заедно со родителите и се стимулира постојано, односно расте во услови на стимулативна средина во која му е овозможено да комуницира со играчки, различни видови на материјали, книги – сликовници, мулти-сензорни искуства во природа, со цел да развие вистинска основа за понатамошно учење и развој. Премногу време поминато пред екранот на компјутер, или телефон, ја ограничува сензорната интеракција, го крши креативниот, имагинативниот развој и го ограничува времето поминато во комуникацијата со другите деца или возрасни лица со кои е опкружено. Се разбира, одредено време поминато пред ТВ екран или компјутер е во ред, бидејќи воспоставувањето на рамнотежа во секојдневието е многу важна, но сепак играта треба да биде примарна и во голема мера застапена секојдневно.
Како можеме да си играме со нашите деца?
Играњето со мало дете има толку многу форми и ние сме запознаени со нив од нашите сопствени детски искуства. Не бара ништо специјално или скапо, и честопати тоа е природниот или рециклираниот ресурс кој нуди најразновидни и интересни играчки искуства. Играњето со нашите деца треба да биде забавно, опуштено, без притисок и да се вткае во секој дел од обичните дневни рутини. Затоа ние вработените од ДГ „Астибо“ , своето долгогодишно искуство кое ни покажа дека децата најлесно ги усвојуваат вештините и знаењата преку игра, а најмногу се радуваат на математичките игри , одлучивме дел од свите практични примери да им понудиме на родителите, но и да ги споделиме со нашите креативни колеги – воспитувачи за тоа како преку игра се постигнува севкупен раст и развој кај децата од предучилишна возраст, како успешно се реализираат воспитно – образовни содржини од сите развојни домени со холистички пристап , преточени преку математички активности.
За успешно реализирање на овие активности не се потребни скапи играчки, или посебни материјали, може да се искористи буквални сé што имате во домот или занималната и со само малку креативност и многу љубов кон професијата и децата ќе постигнете максимален ефект…..